Карантинот доведе до намалување на загадувањето – но, потребни се конкретни мерки

22 април се одбележува како Светски ден на планетата Земја. Светот во моментов се соочува со глобална криза – пандемијата од коронавирусот. Светските медиуми и институции кои се грижат за заштитата на животната средина, објавуваа дека планетата закрепнува во однос на енормното загадување со кое се соочува досега. Луѓето седат дома, фабриките не работат. Дали Земјата успева да се спаси и дали со пандемијата човештвото сфати дека е најголемиот загадувач на својот заеднички дом?

Активистите велат – Пандемијата ни покажа дека може да се зачува животната средина. Она што е клучно е дека треба да се донесат одлуки и да се преземат конкретни мерки, смета Аријанит Џафери од невладината „Еко Герила“.

„Потребни се конкретни, радикални мерки од храбри политичари. Карантинот помогна малку да се намали загадувањето, но помалку загадено не значи и незагадено. Има уште многу работа, прво треба да се регулира сообраќајот конкретно во Тетово, мора да има градски превоз, а исто така, компаниите да работат според еколошки стандарди. Речиси ништо досега не е направено – оваа пандемија ни покажа дека можеме да се грижиме за животната средина“, вели Џафери.

Во Тетово како еден од најзагадените градови во светот, досега се дадени многу препораки за решавање на загадувањето, но не се преземени доволно мерки од надлежните, сметаат активистите.

error: Content is protected !!