Карате-клубот „Тигар 2003“ од тетовско Беловиште свечено одбележа 20 години постоење
Карате-клубот „Тигар 2003“ од тетовско Беловиште свечено го прослави 20-годишниот јубилеј од основањето. Клубот низ изминативе две децении е расадник на спортски таленти, кои учествуваат и освојуваат награди на голем број домашни и интернационални натпревари.
Вчера во тетовско Беловиште свечено беа одбележани 20 години од основањето на карате-клубот „Тигар 2003“. Изминативе две децении во клубот, карате-вештините ги изучувале голем број членови, а токму техниките за усовршување на оваа боречка вештина на нивните ученици им ги пренесуваат тренерите Живорад и Сребра Мишоски. Низ 20-те години постоење, клубот бил расадник на многу таленти, кои покажувале и се’ уште покажуваат успешни резултати на голем број домашни и интернационални првенства и натпревари во карате.
Пофални зборови за карате-клубот „Тигар 2003“ и честитки по повод 20-годишниот јубилеј, упатија и од Карате-федерацијата на Македонија.
Во рамки на вчерашното одбележување им беа доделени благодарници на сите поддржувачи на карате-клубот „Тигар 2003“. А со плакети за постигнати најдобри резултати се закитија и голем број од членовите на клубот. Свеченоста беше збогатена со музика и коктел за присутните.
Ивана Серафимовска