Кај 50 субјекти во трговија на мало и големо, ДПИ констатирал неправилности

Државниот пазарен инспекторат издал 100-тина прекршочни платни налози во износ од околу 210 илјади евра на субјекти кои не ги почитувале најновите одлуки за посебни услови во трговијата на одделни производи. Инспекторатот со зголемени побарувања за контроли, особено изминатиов период, а со недостаток од вработени. Оваа година ќе се пензионираат 23-ца.

            Кај 50 субјекти во трговија на мало и големо, Државниот пазарен инспекторат констатирал неправилности при контрола на Одлуката на Владата за посебни услови во трговијата на одделни производи. По овој основ се извршени 715 надзори на територијата на целата земја, информираше директорката  Анета Симеска Димоска.

Токму најновите владини одлуки го зголемија обемот на работа на Инспекторатот, поради што се потребни и дополнителни вработувања, вели Димоска. Оваа година во пензија заминуваат 18 инспектори, како и 5 мина други вработени.

            Државниот пазарен инспекторат има 275 вработени во 30 градови, кои во извршувањето на своите законски ингеренции се соочуваат со проблеми од аспект на материјално-техничките услови.

Данијела Билбилоска