Кирил Пејчиновиќ прогласен за светител
Лешочкиот игумен и народен просветител Кирил Пејчиновиќ односно Свети преподобен Кирил Лешочки, е новиот македонски светител. Процесот на канонизација на Кирил Пејчиновиќ започна во саботата на 15-ти октомври со вечерна богослужба во Лешочкиот манастир, а продолжи вчера 16-ти октомври со свечена богослужба во Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово, со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, во сослужение со архиерејите на Светиот архиерејски Синод. Архиепископот на МПЦ-ОА г. г. Стефан во беседата го истакна значењето на Св. Кирил Лешочки не само како свештено лице туку и како просветител и подучувач на народот.
Моштите на Свети Кирил Лешочки беа изложени во храмот каде што верниците се поклонуваа додека траеше литургијата. Во храмот беше поставена и иконата со ликот на Кирил Лешочки изработена од зографот Кирил Златанов. Празникот пак, посветен на новиот светител Кирил Лешочки, ќе се празнува на 25-ти март.
Ивана Серафимовска