Координативен состанок во Гостивар пред стартот на новата учебна година

Новата учебна година стартува утре. На гостиварска територија согласност за настава со физичко присуство добиле само неколку училишта во селата, додека во останатите наставата ќе се одвива онлајн. Единствено сите ученици од прво до трето одделение ќе седнат во школските клупи.

Состојбите и условите за спроведување на наставата во гостиварските училишта денес се разгледуваа на координативен состанок во општината. Надлежните од образование нагласуваат дека има голем број ученици коишто нема да можат да се вклучат во онлајн наставата, затоа што немаат соодветен електронски уред.

„Ќе биде тешко, таква е состојбата. Лани имавме статистика дека над 900 ученици се од социјални семејства кои немаат услови да следат настава на далечина, за годинава точната бројка ќе се знае за неколку дена. Минатата година обезбедивме уреди, компјутери, лап топи, телефони за повеќе од 300 деца. На оваа платформа пак, со телефони и нема да може да се работи како што треба. Ќе биде проблем за многу семејства“, изјави Аслијан Снопче, раководител на сектор за образование О.Гостивар.

На состанокот учествуваа и претставници од Одделението за внатрешни работи во Гостивар. Со нив се разговараше за делот на безбедноста и улогата на полицијата во спроведувањето на протоколите за заштита од коронавирус.

error: Content is protected !!