Коронавирусот го полни инфективното одделение во Гостивар

Гостивар, по број на активно заразени со коронавирус периодов е меѓу првите три региони во земјава. Поголемиот дел од позитивните поминуваат со благи симптоми и се во домашна изолација. Сепак, оние кои вирусот ги погодил повеќе, завршуваат на инфективното одделение во гостиварската болница. Моментално таму се хоспитализирани 21 пациент со ковид. Според информациите од началникот на одделението, д-р Ратко Наумоски еден од пациентите е во потешка состојба со ниска сатурација-ниво на кислород во крвта и најверојатно ќе биде префрлен во Скопје во текот на денот. Три од хоспитализираните лица се на кислородна терапија, а останатите имаат средно-тешка или лесна клиничка слика.

„Различни се симптомите кај пациентите, имаат треска, покачена температура, тешкотии во дишењето, кај некои се јавува и дијареа, а може да се забележи дека сите имаат општа малаксаност. Во однос на возраста, таа е различна. Имаме и помлади пациенти со 40-тина години, но повеќето се повозрасни.“ вели д-р Наумоски.

Состојбата со ширењето на коронавирусот на гостиварското подрачје веќе месец дена се оценува како сериозна. Скоро секојдневно има двоцифрени бројки на новозаразени, а голем дел од граѓаните и понатаму не ги почитуваат мерките на заштита. Сега на удар на ковид, се почесто се и младите.

За утре е закажан редовниот неделен состанок на Меѓуопштинскиот кризен штаб во Гостивар, на кој ќе се разгледуваат новите показатели за короната во регионот.

error: Content is protected !!