Корона кризата влијае врз психата, но може и да го зближи семејството

Вонредната состојба поради коронавирусот сосема го смени секојдневието на луѓето. Изостануваат дружењето, шетањето, надвор се излегува само кога е неопходно или за неодложни работни обврски.

Изолацијата и ограничувањата влијаат врз психичката состојба, нагласуваат стручните лица. Психологот од Центарот за социјални работи во Гостивар Билен Карахасан вели дека сепак, тоа не секогаш значи негативен ефект. За дел од луѓето, останувањето дома е добредојдено.

„Изолацијата може да има различен ефект. Оние коишто претходно велеле дека немаат доволно време за читање книга или да обрнат внимание на децата, сега имаат и повеќе од доволно, значи може да им годи. Тие пак што се зависници од коцка или ноќни излегувања, потешко ќе го поднесат останувањето дома“, вели психологот.

Психолозите препорачуваат времето поминато во домашни услови да не биде пасивно, туку луѓето да го исполнуваат на свој начин. Секој според своите можности и интереси. Тие потенцираат дека ова е шанса и за зближување на семејството.

„Препорачувам да се прават вежби, да се чита книга, да се искористи времето да се разговара во семејството. Еве, извадете некои стари албуми со фотографии и потсетете се на некои настани, времиња, блиски луѓе“, вели Карахасан.

Што се однесува до состојбата со Ковид 19 на гостиварското подрачје, до денес останува иста, со еден потврден случај и без новозаболени

Powered by Live Score & Live Score App