Крводарителна акција во Службата за трансфузиологија денес до 19 часот

Првата градска крводарителна акција денес беше организирана во Службата за трансфузиологија при Клиничката болница во Тетово.

Расте свеста кај населението за значењето на крводарителството. На крводарителните акции кои ги организираат Службата за трансфузиологија при Клиничката болница во Тетово, во соработка со Црвениот крст одѕивот секогаш е на задоволително ниво.

„Интересот е на ниво, во однос на тоа како се одвива, во кои услови и колку се запознаени дарителите. На ваквите акции обично се собираат од 15-20 единици крв, додека поголема е бројката кога организираме крводарителни акции во јавните установи“, вели доктор Ирфан Бафтијари, трансфузиолог.

Потребите од крв во тетовската болница се задоволени, односно има доволно крв и крвни деривати од сите крвни групи.

„Потребите од крв растат секој ден и ние ги задоволуваме потребите со крв и крвни деривати, особено поради фактот дека со една единица крв се спасуваат неколку човечки животи“, вели доктор Бафтијари.

Граѓаните да даруваат крв бидејќи со тоа ќе спасат неколку човечки животи, е апелот кој секогаш го упатуваат медицинските лица.    

„Со кводарувањето се покажува хуманост кон болниот. Постои една доктрина – Никогаш да не примаш, ако дарувај крв. Упатуваме апел до населението да даруваат крв, бидејќи таа е драгоцена течност“, апелира доктор Бафтијари.

Данијела Билбилоска

Powered by Live Score & Live Score App