Кризен штаб Гостивар: Изборите носат ризик, најважно е да се почитуваат мерките

Денес не се регистрирани новозаболени со Ковид во гостиварскиот регион. Сепак, Меѓуопштинскиот кризен штаб го оцени периодот што следува како ризичен и со зголемена можност за ширење на вирусот, поради изборниот процес.

Во дискусиите беше речено дека може да се очекува и бројката на заболени да се дуплира.  Какви ќе бидат состојбите зависи од одговорноста на граѓаните, политичките партии при спроведување на кампањата и институциите вклучени во изборите.

„Со оглед дека веќе сме во предизборен период и се знае датумот на избори, следи период кој може да биде многу ризичен. Изборите мора да се одржат, а би препорачал сите институции коишто сме во Кризниот штаб и граѓаните да внимаваат и стрикно да се придржуваат до протоколите за изборите и кампањата за да ги намалиме ризиците“, нагласи градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

На состанокот се разгледа и проблемот со создавање на гужви кој деновиве е актуелен околу банките, најмногу поради издавањето на платежните картички.

Од 47 активно болни во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше, на инфективното одделение во гостиварската болница моментално хоспитализирани се седум. Неколку пациенти од подрачјево чија состојба се влошила деновиве биле препратени на третман во Скопје.