Кризниот штаб во Гостивар бара патролни екипи за контрола на граѓаните и угостителите

Откако неделава се регистрираат нови случаи на заболени од КОВИД 19 во гостиварскиот регион, Меѓуопштинскиот Кризен штаб денеска одржа вонреден состанок. Во изминатото деноноќие потврден е еден новозаболен и тоа од село во Општина Врапчиште. Вкупната бројка на активно болни моментално е 12, од кои 7 на подрачјето на Општина Гостивар и 5 на врапчишка територија.

Кризниот штаб заклучи дека состојбата е релативно стабилна, но бара сериозност и одговорност од сите. Штабот предлага да се формираат заеднички партолни екипи со пазарната инспекција и полицијата кои ќе вршат контроли, колку се почитуваат мерките за заштита од коронавирус.

„Ќе испратиме барање до Пазарната инспекција и МВР да се формираат заеднички патролни екипи од општински инспектори, пазарни инспектори и полицијата, кои ќе вршат контроли дали граѓаните и угостителите ги почитуваат мерките и протоколите. Секако тие што не почитуваат, да не се казнуваат веднаш, најпрво да се оди со укажување, но ако повторно се случи да непочитуваат да следуваат и казни.“, рече Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

Во меѓувреме во јавното комунално претпријатие во Гостивар преземени се превентивни мерки, со оглед дека едно од заболените лица потврдени неделава, е вработено во Комуналец.

„Пациентката не доаѓала на работа од петокот, но ние како општина заедно со комуналното претпријатие решивме превентивно целата административна служба од таму да оди во самоизолациј. Тие кои биле во контакт со потврдениот случај се тестираат и очекуваме до вечерва да ги имаме резултатите. За сега, никој друг од вработените нема симптоми, се надеваме дека и резултатите ќе бидат негативни“, изјави градоначалникот. 

error: Content is protected !!