Кризниот штаб на Гостивар со подготовки за дводневниот викенд карантин

Кризниот штаб на Гостивар се координира околу обврските за престојниот викенд, кога ќе биде на сила целосен, дводневен карантин. Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен список на дежурни аптеки и маркети, а доставата на лекови и други неопходни продукти ќе се одвива преку мобилните тимови на општината и на Црвениот крст. На услуга на граѓаните ќе бидат и одредени сендвичари, пицерии и слично, кои храната ќе ја носат до домовите.

Надлежните ги повикаа сопствениците на аптеките и маркетите кои се заинтересирани да работат во текот на викенд полицискиот час, да се пријават во Кризниот штаб најдоцна до утре до 12 часот.

„Пријавувањето треба да го направат во информативниот центар на Општина Гостивар, до утре до 12 часот, за да можеме потоа ние, како Кризен штаб да направиме список, да го објавиме јавно и да го доставиме до полицијата.“, рече градоначалникот Арбен Таравари.

Состојбата со коронавирусот на подрачјето на Гостивар до денес остана иста, без нов позитивен случај. Од утрово, повторно работи Подрачната единица на Центарот за јавно здравје. Вкупниот број на тестирани лица изнесува 130.

Од локалниот Кризен штаб на Општина Врапчиште, рекоа дека состојбата на нивната територија е стабилна и освен првичните два случаи на заболени, други не се регистрирани.

error: Content is protected !!