Критична е состојбата со коронавирус во Гостивар

Силниот есенски бран на коронавирусот не го одминува и регионот на Гостивар. Иако, состојбата на почетокот од есента беше стабилна, периодов секојдневно се бележат високи бројки на новозаразени. Само во изминатите три дена, вкупно беа потврдени над 160 нови случаи на ковид.

Инфективното одделение во гостиварската болница е веќе преполно, пациенти се згрижуваат и во амбулантскиот дел, што е ризик за персоналот и граѓани кои се обраќаат за помош со други здравствени проблеми.

„Капацитетите се преполни, на одделението полни се сите 24 кревети, а веќе и во амбулантата вршиме прием и третман на пациенти. Со тоа и ние сме ставени во опасност, бидејќи друго е кога лежат во болничките соби на одделение каде имаат свои тоалети и не излегуваат. Друго е во амбулантскиот дел каде тоалетите се заеднички, сето тоа е ризик и за пациентите кои доѓаат со други болести.“, вели д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективно одделение во Гостивар.

За да се растовари инфективното одделение, во функција ќе се стави објектот на поранешна дијализа, а за прием на пациенти со ковид и дел од интерното одделение.

„Во поранешна дијализа планираме да почнеме со работа деновиве, утре, задутре и тој објект да биде наменет за сомнителни на ковид или за други пациенти, не мора да значи само за ковид позитивни. Понатака и еден дел од интерното одделение ќе се отвори за ковид случаи и тоа за пациенти во потешка состојба затоа што таму имаме централен кислород“, рече раковидителот на инфективно.

Збирните податоци од Институтот за јавно здравје покажуваат дека моментално активно болни на поширокото подрачје на Гостивар се 442 лица.

error: Content is protected !!