Лоши практики на досегашно управување со Шар Планина – опасност од катастрофални поплави
Сѐ уште се санираат последиците од поплавите кои се случија по невремето кое зафати неколку населени места во општина Теарце. Од локалната самоуправа очекуваат сите активности да завршат до крајот на неделата. Според мапата за ризици од поплави планинските села и урбаните делови во подножјето на Шар Планина меѓу најранливите во земјава. Дополнително поради досегашните лоши практики на управување може да ни се случат и поплави од поголеми размери и со потешки полседици, порачуваат од Јавната Установа Национален парк Шар Планина.
И по една недела од поплавите во општина Теарце сѐ уште се санираат последиците. Пријавени се над 80 случаи на оштетени граѓани со поплавени објекти и ниви од 4 населени места.
По невремето, какво што жителите не паметат, од Шара во селата се спуштија наноси од кал, земја и камења, за што од Јавната Установа Национален парк Шар Планина велат дека е блага опомена и дека може да се случат и поголеми поплави, поради досегашните лоши практики на управување на целата планина.
Треба да се обноват шумските комплекси кои значајна заштитна функција.
Во изминатите месеци на територијата на Националниот Парк евидентирале речиси 800 градби вон населените места. Од Установата потенцираат дека урбанизацијата ја нарушува рамнотежата на почвата, што доведува до ерозија.
Голем дел од идентификуваните градби се исто така објектите на малите хидроелектрани, велат од Установата.
Од Установата велат дека во нивните напори за заштита на природата мора да се вклучат и сите релевантни инстутуции и да ја разберат важноста во проследување на сите неправилности до самиот крај.
Според мапата за ризици од поплави во Полошкиот регион, специфичната геологија на теренот, наклонот и силните невремиња проследени со обилен дожд и ветер ги прават планинските села и урбаните делови во подножјето на Шар Планина меѓу најранливите во земјава.
Во 2015 во општина Тетово се случија поплави со катастрофални последици и жртви.
Данијела Билбилоска