Луковица – единственото село без асфалтен пат во 21 век
Тетовска Луковица некогаш имала само 26 куќи, а денес 75, со планови за иградба на уште неколку. Селото заживува и се развива, но жителите имаат големи потешкотии да стигнат до него. Последната делница од патот не е асфалтирана.
Тука започнуваат маките на жителите на Луковица. Единственото село во општина Желино без асфалтен пат. Патот е земјен, со нерамнини, песок и камења, па мора да возите многу бавно.
Кога ќе поразговарате со лукојчани, ќе сфатите дека за нив навистина ова е голем проблем. Дел од нив сакаат и постојано да живеат тука, но стравуваат дека во зимските месеци ќе бидат отсечени, како што тоа се случи на почетокот на февруари или ако им затреба доктор или лекови. Тука пензионерите го наоѓаат мирот, но само во пролет и лето.
Има и такви за кои Луковица или Лукојца е постојан дом. Па така во родното село се одлучуваат да отворат свој бизнис. Има три помали фарми, а на повидок е и четвртата, но на сите земјениот пат им прави потешкотии.
Се градат и конаци, со план и за развој на селски туризам.
Месната заедница, односно Здржението кое е формирано, самоиницијативно со средства на жителите, изработува проект за асфалтирање на патот, кој го дава на Општината за таа да аплицира на светските фондови. Но, резултат до сега нема.
Тетовска Лукојца се наоѓа на 930 метри надморска височина, сместено на падините на Сува Гора. Има три цркви. Вкупно 75 куќи со речиси 100-тина домаќинства и 45 постојани жители.
Данијела Билбилоска