Магијата на првиот електронски медиум – Светски ден на радиото

Прв пат се сретнал со радиото како медиум уште во студентските денови. И од тогаш ја почувствувал неговата магија. Гласот на Небојша Карапејовски долги години го слуша публиката од Полошкиот регион, на веќе добро познатото и слушано „Плус Форте Радио“. 13-ти февруари се одбележува како светски ден на радиото. Карапејовски вели дека има голема разлика од неговите почетоци до сегашно време кај овој прв електронски медиум. Променет е процесот на продукција, но факт е дека радиото произведува квалитетен кадар.

„Радиото е математика и фантазија и илузија. Многу можеш да се навлечеш на радиото. Треба да создадеш слика со говор и затоа новинарите што прозлегле од радио, се многу подобри новинари во третиот елемент – значи да го осмислиш, да го напишеш и да го кажеш она што треба да го пренесеш“, вели Карапејовски.

Секоја секунда е испланирана, вели Небојша. Освен тоа, додава дека радиото се доживува како друштво.

„Ако радиото порано беше музика, сега на Јутјуб можеш да слушаш. Но, радиото има момент на изненадуење. Тоа што си го наредил на Јутјуб тоа си го испланирал, на радио ќе те изненадат со песна што ти значи, што не си сетил на неа и слично“.

И покрај големото влијание на овој медиум, Карапејовски вели дека во овие времиња , магија е да се опстои.

„Перспектива за да преживее има, но заинтересираноста на клиентите е многу помала, иако сега има некој тренд на зголемување. Многу тешко е да се опстои, посебно во ваква средина во која функционираме, тоа важи и за телевизијата. На некои луѓе кои им кажав кои се современици на радиото, им беше тешко што она со кое растеле, со кое доживеале различни моменти во животот, може веќе да го нема. Но, наидовме на поддршка од луѓево, дека нешто вакво треба да продолжи да опстојува“, раскажува Карапејовски.

Голем број квалитетни новинари произлегле од овој медиум. Иако работел и како телевизиски новинар, Карапејовски вели дека секогаш му се враќал на радиото. Иако смета дека и радиото и телевизијата како медиуми ќе продолжат да постојат на локално ниво, сепак тврди дека заинтересираноста на луѓето да се занимаваат со оваа професија, е на ниско ниво.

„Многу ќе ми биде криво, многу е вложено во знаење и во овој и во телевизискиот медиум и многу ќе ми биде жал ако не можем тоа да го пренесам. Да излезе барем уште една генерација на новинари, што потоа ќе продолжат во радио или телевизија“, рече Карапејовски.

Powered by Live Score & Live Score App