Македонија – Косово на 8-ми Октомври

Извршниот Комитет на УЕФА ги одреди термините за плеј-оф натпреварите за пласман на Европското првенство. Натпреварот помеѓу Македонија и Косово ќе се одигра на Националната Арена Тодор Проески во Скопје на 8-ми Октомври. Доколку Македонија успее да победи, финалето ќе се одигра на 12-ти Ноември на теренот од победникот од дуелот помеѓу Грузија и Белорусија.

На состанокот на ИК на УЕФА беше донесена одлука и за доигрување на Лигата на Шампиони и Лигата на Европа. Завршницата на најдобрите 8 екипи во Лигата на Шампиони ќе се одржи од 12 до 23 Август во Лисабон (Португалија), додека Лигата на Европа од 10 до 21 Август во Германија.

Променет е и форматот на квалификациската фаза за Европските купови. Наместо како досега со два натпревари, сега ќе се игра само еден дуел, а домаќинот ќе биде одреден со ждрепка.