Мали гостиварци вклучени во планинарска школа, секој викенд на планина

Лиценцираниот планинарски водич и пасиониран вљубеник во природата од Гостивар, Исмет Шурбан успешно ја шири мисијата на планинарството меѓу новите генерации. На негова иницијатива и водство, група дечиња активно се вклучени во планинарење и секој викенд уживаат во нови планински предели. Најмалите во групата имаат по само 4 години. За да ги совладаат основните правила и вештини, претходно учествуваат во посебна школа на планинарското друштвото Шари.

„Седум дена држевме обука теорија околу потребна техничка опрема за планинарење, храна, правилата за движење и слично. Потоа, почнавме секоја сабота да правиме тури по претходен договор. Првата тура ни беше кај село Бањица, на еден врв над селото, и поминавме многу убаво, децата беа многу радосни. Потоа, почна да им се отвора апетитот за планинарење и постојано ме прашуваа каде ќе одиме следно. Наредната сабота бевме во пределот на селото Здуње.“, вели Шурбан.

Пред две недели децата се вклучиле во планинарска тура заедно со возрасни планинари, долга 17 километри, која траела околу 6 часа. Љубовта кон природата, како и свеста за нејзина заштита и зачувување кај дечињата постојано расте, вели Шурбан.

Вклучувањето во планинарската школа и учеството во турите се добра можност децата да се отргнат од интернетот и мобилните телефони, кои во денешно време им крадат голем дел од детството.

Освен што имаат придобивки за здравјето од планинарењето, водичот Шурбан во текот на турите ги едуцира децата и за спецификите на околината, населението, различните култури, живиот свет и слично.

error: Content is protected !!