Малолетничката деликвенција е во пораст

Иако сега погласно се говори по алармот со случувањата во соседството, според психолозите малолетничката деликвенција е во пораст последните неколку години. Употребуваат наркотични средства, носат оружје, вели психологот Оливера Цветковска од тетовскиот Центар за социјални работи.

„Бројот на деца во судир со закон е зголемен, меѓутоа не е проблемот во тоа што бројката е зголемена, проблемот е што кривичните дела се многу потешки. Ако порано децата беа во судир со закон зашто се изтепале со боксови или со клиоци, па добиле кривична пријава сегашниве млади користат боксови, ножеви па дури и огнено оружје “, изјави Оливера Цветковска, психолог во Центар за социјални работи Тетово.

Се намалува возрасната граница на пробатели на дрога. Дури и деца под 13 години имаат достапност до марихуана, па дури и во училишниот двор. 

„Многу лесно е достапна дрогата за основците, имаме евидентирано во Центар за социјална работа деца под 13 годишна возраст кои злоупотребуваат марихуана и кои кажуваат дека многу лесно доаѓаат до неа. Или им носат пред дворо на училиштето или во училишниот двор или некаде им оставаат пари па да си земат“, изјави Оливера Цветковска, психолог во Центар за социјални работи Тетово

Брзото темпо на живот, економската криза влијаат во семејството а со тоа започнува и девијатното однесување на децата. Често користат социјални мрежи, а не можат да разграничат што е добро што е лошо, затоа најважна е превенцијата, потенцира Цветковска.

„Мора да се вклучат пред се родителите а потоа стручните служби, психосоцијални служби од училиштата и доколку е неопходно тука се центрите за социјална работа, тимовите за малолетници, советите за малолетници при локалните самоуправи. Мора веднаш да почнеме со превентива на која многу малку посветувавме внимание“, изјави Оливера Цветковска, психолог во Центар за социјални работи Тетово

СВР Тетово лани регистрирала 89 деца сторители на кривично дело, а меѓу нив најбројни биле оние кои ги повторуваат делата.

Данијела Билбилоска