Меморијален марш на годишнината од автобуската несреќа кај Ласкарци

Помина една година од страотната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 граѓани на Гостивар и околните места. Гостиварци се` уште чувствуваат тага по своите сограѓани и со болка и жалење го спомнуваат трагичниот настан со кобниот автобус.

На иницијатива на група планинари денес се организираше Меморијален марш, од местото на несреќата до Гостивар, во спомен на жртвите. Групата од 70-тина учесници од различни националности и сите возрасти пешачеше околу 55 километри.

Настанот го поддржа гостиварската локална самоуправа.

„Пред околу две недели една група на добронамерни граѓани дојдоа кај мене и ми ја кажаа идејата, а ние како општина излеговме со поддршка, затоа што ова е добар начин да им одадеме почит на жртвите во несреќата. Се` со цел да испратиме порака да не се не повтори никогаш повеќе ни во Гостивар, ни во другите градови во Македонија“, изјави“, Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

Замир Мустафаи, учесник и еден од иницијаторите рече дека покрај искажување почит и спомен, имаат за цел да алармираат граѓаните да бидат повнимателни учесниц во сообраќајот, а надлежните да преземаат мерки за поголема безбедност на патиштата.

Лани, на денешен датум, автобусот на Дурмо Турс, кој тргнува кон Гостивар од скопската автобуска станица во 16 часот и 15 минути со 51 патник, излета од коловозот, ги проби банкините, падна и се преврте на стариот дел од патот.

Во несреќата животите ги загубија: Дејан Ристоски, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бесим Фетаи, Онур Садику, Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски, Трпана Јаневска, Павле Костоски, Арсе Арсоски, Ферди Касо и Ерза Османи.

error: Content is protected !!