Меморијалниот марш се заокружи на плоштадот во Гостивар

Споменот и болката по загубата ги обединија граѓаните на Гостивар. Вчера во чест на кобната несреќа кај селото Ласкарци се одржа Меморијален марш што се заокружи навечер со собир на градскиот плоштад.

Групата планинари кои испешачија околу 55 километри на плоштадот беа пречекани од голем број граѓани, коишто на ваков начин се приклучија во оддавањето почит на жртвите во несреќата.

„Минатата година, на 13 февруари во истото време како сега бев во болницата „8-ми септември“ во Скопје. Една година подоцна, сме тука и сите што учествуваа во Меморијалниот марш од Ласкарци до Гостивар, констатираме дека се добри, здрави и живи и стигнаа до целта. Лани, ова беше трагичен ден за Гостивар. Целта на овој марш е порака до сите институции да функционираат така како што треба, за да нема повторно такви трагедии“, изјава Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

Пораки од плоштадот испратија и отец Александар Јанкоски од гостиварското архиерејско намесништво, Малзим Зендели од гостиварското Муфтиство и Замир Мустафаи, еден од иницијаторите на маршот.

Тешко е што и да се каже за загубата на нашите блиски. За луѓето од било која вероисповед останува вербата во Бога, и пораката дека овој живот е краток и она што треба да го величиме е токму вербата во Бога. Зборови на утеха нема, нека Господ Бог ги прости сите наши чеда“, рече отец Јанкоски.

Од локалната самоуправа и планинарите организатори на Меморијалниот настан за годишнината од несреќата изразија надеж дека маршот во спомен на трагичната автобуска несреќа ќе прерасне во традиција.    

Powered by Live Score & Live Score App