Меѓународен ден на лица со попреченост

Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Тетово помина без одбележување поради пандемијата

Денес се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Годинава во фокус е градењето на подобар свет, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив за време и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.

Пандемијата со коронавирусот им го отежна животот на лицата со попреченост. Дополнително и денешниот ден кој се посветува токму на нив, во Тетово помина без одбележување поради нивна заштита.

Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Тетово се регистирани над 1 000  корисници на финансиска помош по основ на одредена попреченост. Оваа категорија граѓани треба секогаш да биде во фокусот на вниманието, вели директорот Дарко Обадиќ.

Само 5 до 6 деца на дневна основа го посетуваат Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост во Тетово, од вкупно 20 корисници. Пандемијата со коронавирусот ги уплаши родителите. Дефектолозите велат дека затворањето дома негативно ќе влијае врз нивниот развој и препорачуваат родителите да ги носат децата во Центрите, бидејќи работат според здравствени протоколи.

Според податоците на Светска здравствена организација, над една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Стапката на инвалидност постојано се зголемува, поради стареењето на населението и глобалниот пораст на хронични здравствени состојби.