Мирисот и вкусот кај ковид пациентите може да не се врати со месеци

Губењето на чувството за мирис и вкус е чест симптом кај пациентите кои се заразуваат со коронавирус. За разлика од обичните настинки или алергии кои може да ги намалат овие сетила, ковидот целосно ги блокира. Иако во однос на покачена температура, болки по телото, отежнато дишење ова се смета за полесен симптом, сепак создава непријатност, а може да предизвика и проблеми во исхраната.

„Коронавирусот ги оштетува нервните завршетоци во носот, одговорни за одредување на мирисот. Повеќето ќе почнат да ги чувствуваат мирисите нормално после неколку денови, но кај одреден процент се случува сетилото да остане пореметено и со месеци.“, вели д-р Насир Муслиу, оториноларинголог во гостиварската болница.

За пациентите на кои не им се вратил мирисот подолг период по оздравување од заразата, лекарите препорачуваат внес на витамин Е  и неколкунеделно користење на спреј за нос. Интересно и специфично е што лекарите имаат и примери на пациенти кај кои ковид предизвикал промени во доживувањето на пријатен и непријатен мирис. Нешто што претходно им мирисало убаво, по прележување корона не можат да го поднесат.

Според анализите на Институтот за јавно здравје, најчести симптоми кај заразени со коронавирус се  покачена температура, кашлица и малаксаност, по што на четврто место доаѓа ослабен или изгубен осет за мирис и вкус.