Млади музичари од Гостивар промовираат прва заедничка песна

Уметничките души не мируваат со творењето, ниту во време на корона. Ковид пандемијата за жал ги запре настапите и концертите, но не ги спречи музичарите, особено младите, да создаваат нови песни. Така, гостиварците Јордан Џејмс Ивановски и Синиша Карафилоски започнаа заеднички  музички проект „D’Reamers” , и промовираа прво дело, насловено „Карма”. Песната е снимена во студиото на познатиот македонски музичар Дамир Пух, кој се јавува и како продуцент и аранжер.

„Соработката дојде спонтано, јас и Синиша сме школски другари, двајцата се занимаваме со музика и решивме да направиме заедничка песна. Целиот проект на тежина доби со ангажирањето на Дамир Пух, кој е продуцент и го направи аранжманот“, рече пејачот Јордан.

Авторот и текстописец на песната Карафилоски кажува дека нејзин белег е современиот звук пренесен преку ретро ритамот, со намера модерниот тек во музичкиот свет да се пренесеме и во нашите краишта.

На музичарите, а и на публиката им преостанува надежта дека коронакризата што побрзо ќе помине, за повторно да може максимално да се ужива со свирките во живо.