Можностите на новиот младински центар во Гостивар претставени пред директорите на училиштата

Преку современи обуки, курсеви и тренинзи учениците од гостиварските училишта, ќе го надополнуваат знаењето и ќе ги подобруваат вештините за комуникација, организација и слично. Ваква можност им нуди новиот младински ресурсен центар I can, којшто беше отворен минатиот месец. Директорите на училиштата беа во посета на центарот, за детално да се запознаат со функционирањето и програмите во кои учениците може да се вклучат.

„За ученици до 18 години нудиме курсеви коишто ги нема во традицоналното образование, а се многу битни во времето во кое живееме, тоа се атрактивни курсеви со модерен пристап, со цел младите да се стекнат со тие меки вештини, кои се потребни за сите струки и активности“, појасни Азир Алиу, од ресурсниот центар.

Презентацијата на можностите на центарот беше иницирана и организирана од општинскиот Сектор за образование.

Освен за ученици, ресурсниот центар спроведува обуки за млади невработени до 29 години и бизнис секторот во полошко. Центарот се наоѓа во објектот на некогашниот приватен колеџ.