Музејската поставка „Ковчегот на љубовта“ претставена пред тетовци

Музејската поставка „Ковчегот на љубовта“ сочинета од различни стари предмети на исселениците од Хрватска кои дошле во Штип во текот на втората половина на минатиот век, изминатава сабота за првпат беше претставена во Тетово. На настанот пред публиката со музичка изведба се претстави и градскиот хор „Штип 2019“.

Изминатава сабота во рамки на музејската поставка „Ковчегот на љубовта“, тетовци имаа исклучителна можност да погледнат различни предмети – реликвии кои биле донесени од Хрватска во Штип во текот на 50-тите години на минатиот век. Истите сведочат за хрватската култура и традиција и претставуваат вечен потсетник за животот во родната земја на исселениците кои дошле во Македонија. Музејската поставка ја организираше Заедницата на Хрвати од Штип „Либертас“, а честа да биде домаќин на настанот ја имаше Македонско-хрватското друштво од Тетово.

Саботниот настан беше збогатен со настап на членовите на градскиот хор „Штип 2019“ кои пред присутните се претставија со сплет на хрватски песни. 

Музејската поставка „Ковчегот на љубовта“ покрај Тетово, во наредниот период планирано е да гостува и во Битола.

Ивана Серафимовска