Намалувањето на бројот на ученици во Гостивар – ризик за прогласување за технолошки вишок на наставниот кадар

Податоците за бројот на учениците во основните и средните училишта во општина Гостивар за последните три години покажуваат тренд на постојано опаѓање. Познавачите на состојбите оценуваат дека тоа носи ризик од прогласување технолошки вишок на наставниот кадар. Анализи и решенија се изнаоѓаа на Панел дискусија која беше организирана во Центарот АДИ.

Постојаното намалување на бројот на ученици, поради иселувањето, како и падот на наталитетот во Гостивар носат ризик за работните места на професорите и наставниците, односно нивно прогласување за технолошки вишок.

Од Локалниот економски совет и Синдикатот велат дека веќе има вакви случаи, особено во подрачните училишта во селата, но и во средното економско училиште и во гимназијата, каде има паралелки и со едвај 10-тина ученици, а состојбата е добра само во техничкото и медицинското училиште. Посочуваат дека не треба да има нови вработувања на местата на пензионираниот наставен кадар.

„По тоа што гледаме секако дека има појавувања на технолошки вишок, нарочито во неколку од тие предмети кои што се општи, имаме проблеми со англиски и албански јазик, зборувам за гимназија тука е и математиката, па мора со општината да најдеме решение за да ги преместиме во основните односно средните училишта кадешто има место. Да се најде решение луѓето што излегуваат во пензија да се надополнат со тие што се технолошки висок, а не со нови вработувања“. – изјави Тафа Амети, претседател на ЛЕС Гостивар и потпретседател на СОНК

Заедничко решение преку согледување на состојбите и анализа на бројот на ученици се бараше на панел дискусија на која учестуваа сите засегнати страни. Од Секторот за образование очекуваат интересот за двете средни училишта кои се соочуваат со намален број ученици да се зголеми со воведувањето нови смерови, а за да нема технолошки вишок ќе има прераспределба на кадарот.

„Имаме раст во техничкото училиште, во медицинското училиште, но од лани со МОН- кога се запишуваат не може бројката да биде над 25, па така другите ќе се запишат во Гимназија и Економско. Имаме во Економско нови смерови, оваа година имаме надеж дека ќе има повеќе запишани и добри услови во Гимназијата“. – изјави Аслиjан Снопче, раководителката на Секторот за образование

Од друга страна дополнителен проблем во образовниот процес е немањето наставен кадар за природните науки, особено физика и математика, но и професори по стручните предмети во средното техничко училиште во Гостивар.

Данијела Билбилоска