Настани во Гостивар што ја одбележаа 2020-та година

Еве ја, новата, чиста 2021-ва година. Нов ден, нова нафака, вели поговорката. Така нека биде и со новата година, посакуваме ние. Оти таа, што ја оставивме зад нас беше навистина лоша, со ковидот во преден план. Страв, стрес, па сомнежи, недоверба. Преовладуваа измешани чувства, но никому не му беше сеедно, оти сепак сите сме од крв и месо. Убаво е да се види дека 2020-та веќе ја нема. Но, исто така како што е редот се потсетуваме на настаните што ја одбележаа. Конкретно за Гостивар, со оглед дека и во време на пандемија, екипата на Тв Кис/Менада секојдневно беше на терен и ги следеше сите актуелности.

-Како да беше невозможна мисија да се избегнат вести за корона, вирусот едноставно влезе во сите пори на животот. Броевме новозаразени, се соочивме со карантини, докторите станаа херои кои деноноќно се борат со непознатиот непријател. Добрите моменти од пандемијата ги пренесувавме преку објави за многу хуманитарни акции, донации за сиромашните и загрозените. Гостивар повторно покажа дека е град на хуманоста и сплотеноста.

-Минатата година турнавме и пандемски избори. Под маски, со протоколи, дистанца, главно за Гостивар изборниот процес помина мирно, во демокрастка атмосфера.

-Убава вест во време на ковид пандемија ни дојде од светот на автомобилската индустрија и еден млад гостиварец. Странската компанија Електра лани изработи прототип на автомобил со дизајнерски потпис на триесетгодишниот Михаел Мерклер од Гостивар. Нашиот дизајнер продолжи со успех, па веќе е во седиштето на фирмата во Либан, како дел од нивниот креативен тим.

-Кога сме кај успесите вреди да се спомене, признанието „научник на годината“ кое од претседателот Стево Пендаровски го доби гостиварецот Кимет Јусуфи. Тој е доктор по физика, од неодамна доцент на универзитетот во Тетово, истражувач и автор на бројни научни трудови во странски списанија.

-Во освртот за минатата година би споменале некои значајни проекти и инвестиции во Гостивар. Во септември беше отворена нова детска градинка, се вика „Сонце“, се наоѓа во Долна Бањица и има капацитет за згрижување на 60-тина дечиња. Реновирани и подновени беа и веќе постоечките градинки. Во 2020-та, Гостивар доби атрактивен спортско-рекреативен центар долж Кејот на Вардар. Просторот е модерно опремен, а особено важно е што се поставени реквизити за деца и лица со посебни потреби. Едноставно пријатно катче за прошетка и спортување. Во реализираните покрупни зафати го издвојуваме и целосно реконструираното хируршко одделение во болницата. Пациентите сега имаат современи услови според европски стандарди.

-Би сакале да потсетуваме само на позитивните моменти, но животот носи и трагедии. Гостивар лани го загуби младиот доктор Трајче Нешковски, кој загина трагично во сообраќајна несреќа. Зборовите се излишни, беше хуман човек, максимално посветен на професијата и пациентите. Нешковски постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Општина Гостивар.

-Несомнено Стоп Русино е белег на Гостивар за ланската година. Борбата против Русино да продолжи да биде регионална депонија за Полог, почна со активирање на граѓаните преку социјалните мрежи, па протести низ улиците и двомесечна блокада. Граѓанските активисти не дозволија отпадот од другите општини да се носи на Русино. Преговорите резултираа со договор за почеток на работа на регионално јавно претпријатие и скратување на рокот за дислокација на депонијата на 5 наместо на 10 години.

-На 11 ноември гостиварскиот регион беше погоден од силен земјотрес со јачина од 5 степени по рихтеровата скала. Сеизмолошките станици го лоцираа епицентарот во мавровското село Леуново, на длабочина од околу 8,5 километри. По првичниот потрес во 4 часот и 54 минути следуваа уште неколку со послаб интензитет.За среќа, сето тоа помина без повредени и жртви. Сепак, тоа утро гостиварци ќе го паметат по земјотресната вознемиреност. 

-Ако треба да зборуваме за културно-забавниот дел на 2020-та, нема што многу да се каже, меѓутоа не е и без ништо. Гостиварски театар ја одигра траги-комедијата „Полковникот птица“ пред домашната публика. Под протоколи се одржа четвртото издание на Меѓународниот театарски фестивал Отело, како и музичкиот фестивал Парк, по втор пат. Се одбележаа и два јубилеи, 70 години од формирањето на културно-уметничкото друштво Браќа Ѓиноски и 10 години постоење на Конзерваторскиот центар во Гостивар.  

Ова беа отприлика настаните, состојбите и моментите по кои Гостивар ќе ја памети 2020-та година. Лично, секој од нас си носи свои, дај боже да биле што повеќе среќни. Како и да е, има нешта кои никој не може да ви ги земе – надежта и оптимизмот. Зачекорете со нив во новата, и верувајте 2021-ва нема да биде ни најмалку иста како онаа лошата, која конечно си замина од нашите животи. Нека ни е наздравје.

error: Content is protected !!