Најавен африкански топол бран
Надлежните веќе ни најавија африкански бран, прв за оваа летна сезона, кој треба да пристигне во земјава некаде наредната недела. Советите на лекарите како и секое лето, се да се внимава на здравјето, но и да се обрне внимание и на чистотата на индивидуалните базени, кои често се користат за разладување во жешките денови.
По долгиот период исполнет со многу нестабилно време и временски непогоди, во текот на следната седмица кај нас, но и во целиот регион доаѓа првиот поголем топол Африкански бран. Во текот на следната седмица температурите насекаде ќе се искачуваат над 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели од Македонија тие ќе се искачат и до 37 степени, локално може да ги очекуваме и првите температури од 40 степени.
Особено во најтоплите денови луѓето за разладување често користат индивидуални базени за капење. Доктор Ратко Давидовски, од Центарот за јавно здравје, вели дека поголемо внимание треба да се обрне на чистотата на базените, особено во руралните средини каде се користи вода од селските водоводи, која претежно е микробиолошки загадена.
Лекарите апелираат да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето односно да не се излегува во најтоплиот период од денот, да се внесува повеќе течности и свежа храна и да се внимава на чувањето на храната и миење на овошјето и зеленчукот поради опасност од труења и цревни заразни заболувања, хронично болните редовно да ја земаат терапијата и други.
Данијела Билбилоска