Најмногу се гине во земјоделието, говорат податоците на извештајот за несреќи при работа
Меѓународниот ден на трудот 1-ви мај, се’ уште претставува силен потсетник за борбата на работничката класа за унапредување на своите права. Одбележувањето на празникот се поврзува со првиот одржан протест за осумчасовно работно време во Австралија во далечната 1856 година. Во 1886 година, пак, со прекин на работниот процес, протест одржале и американските работници. Демонстрациите се обидела да ги спречи полицијата, а повредени биле голем број демонстранти. Како сеќавање на истите од 1890 година Меѓународниот ден на трудот се одбележува со цел подигање на свеста за поголеми работнички права. Работниците и на овој Први Мај ставени пред низа предизвици, но и проблеми со кои се соочуваат на работните места. Безбедноста при работата и добрите работни услови едни од нив. Согласно тоа, според изготвениот извештај на Македонското здружение за заштита при работа во текот на претходната 2022 година биле констатирани 169 несреќи на работно место. Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје предничи во однос на другите градови. По него, следат Битола и Прилеп, додека во Тетово биле евидентирани 5, а во Гостивар 2 повреди стекнати на работа. Најголемиот број на смртни случаи, пак, поврзани со работното место во 2022 година имало во Скопје вкупно четири на број, по кој следат Струга, Струмица и Неготино со по три случаеви, додека во Тетово бил регистриран еден случај на повреда со смртен исход.
Најмногу од несреќите биле регистрирани во преработувачката индустрија 59, по што следи јавна управа и одбрана 27 и градежништвото со 14. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на домаќинства како работодавачи 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија три.
„Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа“, се вели во извештајот.
Во согласност со податоците и оваа година поголемиот број на повреди и смртни случаи спаѓаат во категоријата мажи. Од вкупно 169 несреќи, 4 од нив спаѓаат во категоријата жени, што е помалку од минатата година кога биле забележани 6 повреди во категоријата жени.
Инаку, Македонското здружение за заштита при работа традиционално, почнувајќи од 2008 година, по повод 28-ми април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, објавува Годишен извештај за несреќи при работа.
Ивана Серафимовска