На инфективно во Гостивар се лекуваат 22 ковид пациенти
Инфективното одделение во гостиварската болница се полни со ковид пациенти. Секојдневно расте и бројката на новозаразени и граѓани со симптоми кои доаѓаат за амбулантски прегледи. Епидемиолошката состојба со коронавирусот на подрачјето на Гостивар се влоши за кратко време.
„На одделението моментално хоспитализирани се 22 пациенти, од кои 18 се со средно-тешка клиничка слика, а останатите 4 се со кислородна поддршка. Амбулантски е многу зголемен бројот на пациенти за прегледи, од кои голем дел излегуваат ковид позитивни. Значи периодов вирусот многу брзо се шири, има доста фамилијарни кластери. Луѓето многу се опуштија, не почитуваат никакви мерки.“,рече раководителот на инфективно во Гостивар, д-р Ратко Наумоски.
Лекарите оценуваат дека новиот бран се должи на опуштање на граѓаните во однос на мерките на заштита. Коронавирус фаќаат и вакцинирани и лица кои веќе го прележале, затоа е важно сите да се придржуваат до мерките, вели д-р Наумоски.
Доколку хоспитализациите проодлжат со исто темпо и се јави потреба, не се исклучува можноста за повторно активирање на модуларната болница, со оглед дека инфективно е скоро полно.
Според досегашното искуство, оценката на лекарите е дека омикронот дава полесна клиничка слика од претходните соеви, но сепак предупредуваат дека може да биде поопасен, особено за хронично болните.