На инфективно во Гостивар ќе се додаваат кревети за пациенти со ковид

Минатата недела во регионот на Гостивар беше забележан најголемиот раст на заболени со ковид, вкупно 30. Со тоа се зголеми и бројката на хоспитализирани пациенти. На инфективното одделение во гостиварската болница моментално се згрижени 14 заболени и останати се уште 4 слободни кревети за возрасни и два за деца. Капацитетот ќе се зголемува со додавање на дополнителни кревети, за да може да се одговори на потребите, доколку ваквиот тренд продолжи.

„На состанок со раководителите на одделенијата кои се најмногу тангирани со ковид 19, тоа се инфективно, интерно и ургентна единица се разговараше на оваа тема и се разгледаа условите да се зголемат капацитетите на инфективно со додавање на дополнителен број кревети во собите. Можеби ќе биде малку потесно, но сепак ова е пологично решение. Пациентите кои се со посериозна клиничка слика, односно имаат потреба од кислородна терапија се препраќаат на клиниките во Скопје, каде и таму веќе е преплавено со пациенти.“, рече д-р Јакуп Јакупи, директор на општа болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар.

Болничката управа работи и на реорганизација на медицинскиот персонал за да го засили кадарот на инфективно. Во помош на инфектолозите ќе се вклучат специјалисти по интерна медицина, а се зголемува ибројот на дежурни сестри во смена.  

Од почетокот на пандемијата во гостиварскиот регион регистрирани се 116 заразени со корона. Од нив 70 од Општина Гостивар, 40 од Општина Врапчиште и 6 М.Ростуше. Девет случаи завршиле со смртни последици, оздравени се 45, а активно болни има 62 лица.