На Шара сѐ уште „оперираат“ дрвократци и ловократци
На Шара сѐ уште „оперираат“ дрвократци и ловократци, иако е прогласена за заштитено подрачје
Плански документ за заштита на дивите животи, заштита на шумата и државниот имот, се трите главни приоритети на Националниот парк Шар Планина. Од У становата, велат дека планинското подрачје е запоставено со децении, треба макотрпна работа да се зачува и развива паркот, но истовремено и подршка од другите институции.
Навиките тешко се менуваат. На Шара сѐ уште „оперираат“ дрвократци и ловократци, иако е прогласена за заштитено подрачје. Во контролите на Јавната установа, која раководи со Националниот парк, се затекнати лица кои вршеле дејствија кои се забранети. Велат дека ова планинско подрачје е запоставено со децении, поради што треба редовни контроли, соработка со месното население и со институциите.
„Многу години е запуштено подрачјето и луѓето едноставно се навикнале дека не треба да побараат дозвола. Се преземаат сечи, се лови на секоја страна иако ловот е забранет. Поднесени се неколку кривични пријави. Меѓутоа има и многу и илегални градби, градење без дозвола, узурпација на државно земјиште, преземање на вода, отварање на патишта и за сите овие појави треба да се воспостави ред и контрола“, изјави Анела Ставревска Панајотова, раководител на одделение за заштита на природа – ЈУНПШП
Установата подготвила табли со кои ќе се информираат граѓаните како да се однесуваат во Националниот парк, а реализираат и средби со претставници на засегнатите институции. Вршат евиденција на сите објекти кои се наоѓаат вон населените места.
„Мораме сето тоа да го евидентираме, па потоа со надлежните институции, пред сѐ со Општините, со нивните градежни инспекторати, МВР, со Агенцијата за катастар за недвижности да утврдиме кои од тие градби се легални, а кои илегални и да побараме начин како да се справиме со истите. За во иднина се разбира дека ќе стоиме цврсто и решително на заштита на државниот имот пред се, и дека нема да дозволиме нови градби, кои не се одобрени од надлежниот орган“, изјави милорад андриески, раководител на одделение за одржливо користење на природни ресурси – ЈУНПШП
Инаку, Установата има и други предизвици. Не е целосно екипирана и чекаат дозвола за да се вработат доволен број на лица за да го покријат подрачјето. Сместени се во поранешна Жичара, а се работи на приспососување на работни простории.
Се финансира со помош на донатори, а владини средства се обезбедени само за 3 години.
Данијела Билбилоска