На 26-ти мај од 19 часот во Тетово – изложба на слики од охриѓанецот Ѓоко Симјаноски

Во петок на 26-ти мај, со почеток од 19 часот, во Музејот на тетовски крај (поранешен Дом на АРМ), ќе биде претставена изложбата „Го сакам Охрид…ама го љубим и Тетоо“ на охриѓанецот со тетовско потекло Ѓоко Симјаноски. Во рамки на изложбата ќе може да се погледнат повеќе дела изработени во пастел-техника со мотиви од тетовската и охридската архитектура и знаменитости. 

Авторот на изложбата Ѓоко Симајноски, по професија е електроинженер веќе во пензија, а како голем љубител на уметноста, во своето слободно време се занимава со цртање и сликање. Тој за првпат во петок, во Тетово преку изложбата ќе ја презентира својата работа. 

Ѓоко Симјаноски роден е во Скопје во 1947 година.
Како електроинженер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година, а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година. Освен во струката, како надворешен соработник работел во Радио Охрид и Телевизија ТВМ Охрид. Има учествувано на голем број ликовни колонии и групни изложби. Активен член е на фото – клубот „Охрид“ веќе 10 години, со учество на сите годишни изложби на клубот.

Ивана Серафимовска