На 5 јуни пресудата за судскиот предмет за пожарот во модуларната болница

Со завршните зборови на Обвинителството и на одбраната на обвинетите денес заврши главната расправа во тетовскиот Основен суд за пожарот во модуларната болница. Поради сложеноста на предметот судијата пресудата ќе ја објави за една недела.

Следниот понеделник ќе биде објавена пресудата за судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, , откако денес заврши главната расправа.

Во завршните зборови Јавниот обвинител предложи обвинетите да бидат прогласени за виновни, откако рече дека по сите вербални и материјални докази во дејствијата на обвинетите се содржани елементи на кривичните дела што им се ставаат на товар, односно поранешните директори Флорин Бесими и Артан Етеми непоставиле противпожарни апарати, докторот Бобан Вучевски дозволил влегување на надворешни лица во објектот, за што се обвинува и правното лице Клиничка болница.

Адвокатите на семејствата на починати лица, но и на оштетени во пожарот се приклучија кон барањето кривичен прогон и побараа отштета.

Одбраната на обвинетите, пак, побара ослободителни пресуди за сите обвинети, затоа што, како што рекоа писмените доказите укажуваат дека тие не се виновни, како и вербалните според кои во објектот имало ПП апарати и дека Установата имала истакнато наредби и правилници околу постапување кон прописите за време на пандемија.

Обвинетите се согласија со завршните зборови на адвокатите.

Поранешните директори се обвинуваат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, докторот за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, за кое е обвинето и правното лице Клиничка болница, заедно со „предивикување општа опасност“.

Инаку пред судењето повторно се одржа мирен граѓански протест за поддршка на доктор Бобан.

Данијела Билбилоска