Невладината организација Форум за образовни промени денес одржа прес конференција
Невладината организација Форум за образовни промени денес одржа прес конференција за медиумите на која информираа дека поднеле две пријави до Државниот просветен инспекторат за, како што велат, прекршувања на Универзитетот во Тетово. Од Универзитетот велат – не ги коментираме правните работи.
За законски и статутарни прекршувања на Универзитетот во Тетово обвинуваат од Невладината организација Форум за образовни промени. До Државниот просветен инспекторат доставиле пријави за незаконски избор на професори во Совет и за незаконско унапредување, информираше на прес конференција, извршниот директор на Организацијата, Бленди Ходаи. Тој вели дека за нив имале соодветна документација, но дека има и други вакви случаи на државни универзитети, кои дополнително ќе ги обелоденат пред јавноста.
„Првата пријава се однесува на незаконскиот избор на двајца членови во националниот совет за високо образование и научна истражувачка работа. Во втората пријава побаравме итен увид за незаконското академско унапредување во звање доцент. Дополнително, имаме информации дека бројот на ваквиот modus operandi на унапредувања во академските звања е поголем и на другите државни универзитети во земјава, а во меѓувреме ги истражуваме таквите случаи и ќе отвориме постапка за истите исто така за истите ќе одржиме прес конференција“. – изјави Бленди Ходаи, извршен директор на Форум за образовни промени.
Ходаи изрази разочарување од процесот за избор на Јусуф Зејнели за ректор на тетовскиот Универзитет, поради како што рече, постоење на политички притисоци.
„За време на кампањата за ректор имавме информации дека се врши притисок од поранешниот ректор до професорите за кого да глассаат. Исто така ова го докажува самиот факт што еден ден пред да има избори, тројцата противкандидати на Јусуф Зејнели се повлекоа од изборите“. – изјави Бленди Ходаи, извршен директор на Форум за образовни промени
Одговори за обвинувањата побаравме од тетовскиот Универзитет, од каде на кратко ни одговорија дека не ги коментираат правните работи.
Правните работи не ги коментираме. Тие имаат право да се жалат, ќе ги оставиме органите да работат.
УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО
Новиот ректор на тетовскиот Универзитет беше избран на 21- ви месецов, а целиот процес беше проследен со низа реакции на политички партии и експерти.
Данијела Билбилоска