Негрижа на институциите за стариот дел на Тетово

Објектите на неколку напуштени куќи секојдневно се ронат и ја загрозуваат безбедноста на минувачите. За инспекциите да излезат на терен мора да има прво пријава од граѓани. Жителите на Два Бреста, пак, велат дали треба да се случи несреќа за надлежните да реагираат.

Пред извесен период кровот на оваа напуштена куќа паднал, а опасноста од нејзино рушење се зголемува со секој нов дожд. Таа и уште неколку напуштени куќи лоцирани во стариот дел на Тетово, претставуваат опасност за минувачите.

Жителите на населбата Два Бреста алармираат дека објектите се наоѓаат покрај патот кој секојдневно го користат и се плашат за сопствената, но и за безбедноста на нивните имоти.

Од Општина Тетово, пак, велат бидејќи се работи за приватен имот најпрво треба да добијат пријава од граѓани, за тогаш инспекциските служби да излезат на терен.

Со поголема институционална грижа стариот дел на градот со неговата автентичност може да придонесе за развој на туризмот. Музејот на тетовскиот крај врши евиденција и документација на архивите на традиционалното архитектонско наследство. Засега заштитени се само 6 од вкупно 130 евидентирани објекти.

И калдрмата како еден од специфичните белези на стариот дел на Тетово е оштетена. Жителите се уште чекаат и на реконстукција на улицата „Гоце Делчев“, која е во многу лоша состојба.