Недела на имунизација – Бројни болести може да се превенираат со вакцинација

Светската недела на имунизација има за цел да ја промовира употребата на вакцини за да ги заштити луѓето од сите возрасти од разни заболувања. Вакцините спасуваат животи од смртоносни болести. На оваа тема зборува доктор Александар Костески, кој има 37 години работно искуство во тетовскиот Здравствен дом.

Бројни болести може да се превенираат со вакцинација. Секоја доза на вакцина е важна при спасувањето животи, важна е за сопствена заштита, но и за заштита на најблиските. Важноста на имунизацијата уште еднаш се истакнува во Европската недела на имунизација, што секоја година традиционално се одбележува од 23 до 29 април. Многу болести токму поради вакцинацијата се искоренети, вели д-р Александар Костески од Здравствен дом – Тетово.

Токму антивакциналните кампањи изминативе години предизвикаа страв кај родителите дека вакцината МРП предизвикува аутизам кај децата. Според доктор Костески, тоа е неосновано тврдење, затоа што неколку студии покажале дека нема никаква поврзаност.

Тетово е меѓу градовите со голем процент на имунизирани деца, но сепак не е на задоволително ниво. Најчести причини поради кои децата не примиле вакцина е поради престој во странство, вели доктор Костески.

Инаку по повод одбележувањето на Европската недела на имунизација Министерството за здравство преку кампања ќе го информира населението за придобивките од имунизацијата.

Данијела Билбилоска