Неизмерна љубов кон балетската уметност – балетско студио „Менада“

13 години создавање љубов кон балетската уметност кај малите балерини. Балетското студио „Менада“ од Тетово, долго време се залага за промовирање на балетот и танцот кај најмладите, помагајќи им за нивниот физички и духовен развој. 29 април се одбележува како Светски ден на танцот. Кореографот и еден од основачите на студиото Јелена Мирчевска вели дека вложиле многу труд и енергија во образување на децата, како и давање придонес кон развојот на културата во Тетово.

„Долги години напорно работевме за да ја пренесеме на децата таа љубов кон балетската уметност. Голем дел од нив се определија за бавење со таа област, на што јас и Наташа, со која го основавме балетското студио, сме посебно горди. Освен тоа, и градот е поубав кога е развиена оваа уметност“, вели Јелена.

Децата сакаат да танцуваат, вели Јелена. Иако периодов сите се соочуваме со рестриктивни мерки, сепак Мирчевска смета дека од оваа ситуација ќе излеземе посилни. Потоа, вели, уште поенергично ќе се вложат себеси во нови балетски проекти.

„Иако балерините изгледаат елегантно, тие во себе се војници и се борат за даго постигнат посакуваното. Мислам дека ќе излеземе посилни од сето ова, па со нова енергија и позитивна мисла ќе се насочиме кон нови нешта“.

Доказ дека дечињата го обожаваат танцувањето е оваа слатка балерина.

„Јас сум во балетското студио Менада, имам три години, доаѓам во ова школо и учам да играм балет“, вели Сара.

Од балетското студио „Менада“, велат дека трудољубивоста и креативноста која ја имаат балерините, со нетрпение чекаат повторно да ја покажат на публиката.

error: Content is protected !!