Нема новозаразени со корона во гостиварско, повеќето позитивни се асимптоматски

По викендов, во кој беа регистрирани вкупно 9 новозаразени, денес нема нови случаи на корона во гостиварскиот регион. Надлежните ја оценуваат состојбата како релативно стабилна, но потенцираат дека тоа не значи граѓаните да се олабават, туку напротив да продолжат со доследно почитување на мерките за заштита. Повеќето лица кај кои е потврден коронавирус во Гостивар засега се без симптоми, вели градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

„Контактирам со пациентите, повеќето немаат никакви симптоми и се чувствуваат добро, се надевам дека така и ќе остане. На сите граѓани сакам да им порачам да продолжат да ги почитуваат мерките. Сметам дека Гостивар има помал број на заболени од останатите поголеми градови, токму затоа што граѓаните се однесуваат одговорно и почитуваат мерки“, рече градоначалникот.

Вирусот беше потврден кај 4 вработени во администрацијата на ЈП „Комуналец“. Превентивно целата администрација е пратена во самоизолација, а тестовите на останатите вработени се негативни. Во претпријатието е извршена и вонредна дезинфекција.

Моментално на подрачјето на општините Гостивар, Врапчиште и М.Ростуше има 28 активни случаи на коронавирус.

error: Content is protected !!