Нема соодветна инфраструктура за лицата со оштетен вид во Тетово

Лицата со оштетен вид од Тетово иако имаат исти права со останатите, тие не ги добиваат. Се гради патна инфрастуктура, но не и тактилни патеки на тротоарите, кои би им го олесниле движењето. На ниту еден од постојните семафори нема звучен сигнал за да знаат кога да преминат улица. 

Владимир Ефкоски, се чувствува дискриминирано, зашто како лице со оштетен вид, не може слободно да се движи низ градот. Отежнат му е пристапот дури и до објектот на Здружението на слепите лица, кое едно од ретките каде може да игра друштвени игри со пријателите, а дополнително му пречат и паркираните автомобили на тротоарите.

Тој може да излезе од дома само со придружба.

Пристапноста и до институциите му е отежната, а табли со брајово писмо нема никаде.

Додека локалните власти прават планови и проекти за градот, потребите на оваа категорија граѓани ретко се споменуваат, велат од тетовското Здружение на слепите лица.

Од Општина Тетово велат дека допрва ќе се се разгледува нацрт-социјалниот план со кој се опфатени сите ранливи групи.

Во писмениот одговор кој го добивме се вели:

Донесена е одлука за формирање на Општински Совет за социјална заштита. Во рок од 10-тина дена треба да заседава овој Совет, во кој има претставници номинирано од сите релевантни институции. На него треба да се разгледа нацрт-социјалниот план на Општина Тетово, кој дополнително треба да се дообработува, односно дополнува. Со овој план се опфатени сите ранливи категории на граѓани, поточно, слепи и глуви лица, деца со попречености во развојот, жени жртви на семејно насилство, стари и немоќни лица и други. Овој социјален план, во скоро време ќе ни овозможи  да развиваме проекти и истите да ги импелементираме, во насока на подобрување на условите за живот на ранливите категории на лица.

Во тетовското Здружение на слепите лица регистрирани се 175 члена, на возраст до 65 години, со оштетување на видот над 91%. Најмладиот има 7 години, а деца се вкупно 6.

Данијела Билбилоска