Неподвижна жена од Мирдита добила негативно мислење за туѓа нега

Дванаесет години траат маките на брачниот пар Асибе и Нијази Нуредини од гостиварското село Мирдита, откако жената останала неподвижна поради оштетување на функцијата на мозокот и други болести. Како што кажува сопругот, таа цело време е врзана за кревет, не е во состојба сама да се храни, да се облекува и слично и дека тој се грижи за сите нејзини основни потреби за живот 24 часа.

Тој реагира дека лекарската комисија од Велес, која ги разгледувала документите, дала негативно конзилијарно мислење, односно оценка дека на жената не и треба помош. Претходно биле одбиени и за додаток за мобилност.

„Сам се грижам за неа, таа е неподвижна веќе 12 години, и не може ништо сама, ја хранам, ја бањам…Но, стигна негативна одлука за туѓа нега од лекарската комисија од Велес, која ги разгледувала документите. Овој надоместок го користевме редовно претходно, по 4.500 денари месечно. Сега го сечат, не ни објаснуваат зошто. Како може доктори да дадат негативно мислење за жена што лежи неподвижна во кревет.“, вели Нијази.

Поради негативното конзилијарно мислење, Асибе ќе го изгуби правото на туѓа нега, кое го користела изминатите 12 години. Решението за надоместокот кое го подготвува Центарот за социјална работа се заснова токму врз документот од лекарската комисија.

Нијази вели дека со пензијата што ја има, не стигнува да ги подмири трошоците за сметки и храна, а многу пари чинат и лековите неопходни за неговата болна сопруга.

Во писмен одговор за случајот, од гостиварскиот Центар за социјална работа ги повикуваа надлежните институции да преземат активности, и да ја испитаат формата и причината за  негативното конзилијарно мислење.