Низа слабости утврдени при ревизијата на сметките на Општина Тетово за 2021 година
Државниот завод за ревизија денес ги објави конечните ревизорски извештаи на ЕЛС Тетово, за 4 сметки. Финансиските извештаи се однесуваат на 2021 година, кога до 3 ноември градончалник беше Теута Арифи, а од 4 ноември Биљал Касами.
Во извештајот на сметката на основен буџет 630, за која ревизорите дале неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, утврдено е дека постојат слабости при спроведување на процесот на буџетирање и реализацијата на планираните приходи и расходи со Буџетот; Одлука за прогласување на финансиска нестабилност на општината не е донесена иако општината подолг временски период ги исполнува условите за прогласување на финансиска нестабилност; пазарната вредност на целиот недвижен имот на територијата на општината не е ажурирана; општината користи плаќања со пресметка и покрај блокираната сметка.
Клучни системски слабости кои ги утврдиле за оваа сметка се не воедначена судска практика при толкувањето на член 218 од Закон за извршување; нецелосен увид во наплатата и потврдувањето на приходот по основ на комунална такса што се плаќа при регистрација на возила и комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување
Ревизија извршиле и на Сметката на основен буџет 637, за која исто така дале неповолно мислење, а ги утврдиле следните состојби: ангажирани се лица по договор за дело без да се почитуваат законските одредби; за дел од имотот не се обезбедени имотни листови и не е извршената проценка на вредноста на објектите за кои е обезбеден имотен лист; за изградба на општинските патишта не се обезбедени одобренија за градење, проект и не се изготвува записник за примопредавање на градбите помеѓу инвеститорот и изведувачот.
Во двата ревизорски извештаи напишани се и препораки.
Предмет на ревизија била и Сметка на приходи на буџет на дотации во која утврдиле следните системски слабости – уредбите за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите се секоја година идентични, односно нема промена во утврдените критериуми за распределба на блок дотациите и постои потребата од редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок дотации за општините.
Во конечниот ревизорски извештај за Сметка на расходи на буџет на дотации биле утврдени клучните системсски слабости- недостиг на професионални пожарникари во ТППЕ во општина Тетово, од утврдениот законски минимум, недоволно јасно и прецисно регулирање на наплатата на другите приходи во однос на надзорот и контролата и обезбедување на средствата потребни за финансирање на ТППЕ, средствата кои општините ги добиваат како наменски дотации се недоволни за финанситрање на платите на вработените.
Данијела Билбилоска