Нова сезона на Попова Шапка, за време на викендот ќе има дневно и ноќно скијање, забави и слични настани

Маглата не ги спречи посетителите од најразлична возраст денес да дојдат на скијачкиот центар Попова Шапка, а најавата за убаво време за време на деновите од викендот, ќе донесе уште поголема посетеност. Од раководството најавуваат дневно и ноќно скијање, забави и слични настани. Во координација со другите надлежни институции ќе се организираат за сообраќајот да се одвива непречено.

Попова Шапка во нова сезона со снежна покривка од 90 см. Голема посетеност како од домашни, така и од странски туристи.

Деновиве имаше магловито време и скијачкиот центар работеше со половина капацитет. За време на викендот, пак, се очекува голем прилив на гости и сончево време и исполнети сместувачки капацитети.

Со оглед на гужвите кои се создадоа на патот кон Попова Шапка, на денот на отворањето на сезоната, од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека е изготвен и посебен план кој ќе овозможи непречено и безбедно движење, при што ќе бидат поставени повеќе полициски служби. Додаваат дека капацитетот на регионалниот пат е несоодветен за толку голем број возила колку што беа регистрирани на отварањето и дека просторот за паркирање е недоволен, поради што доаѓало до повремен застој и метеж. Апелираат до возачите задолжително да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.

Во анкета посетелите велат дека се задоволни од условите и убавите скијачки терени кои ги нуди Попова Шапка, но дел од нив сепак ги потенцираат долгогодишните проблеми, како недостигот на паркинг места.

На заминување го сретнавме Садулин Мустафи од шарпланинското село Лисец кој и на 70 години не се откажува од скијањето. Ни раскажа дека започнал од 7-годишна возраст и со дрвени скии. Порачува секој да дојде на Попова Шапка и да ужива во оваа убавина.

Според проценките и искуството од минатата година кога имаше 100 дена скијање, се очекува сезоната да трае до средината на месец април.

Данијела Билбилоска