Нови креветчиња, маси, столчиња и друга опрема во градинките во Гостивар

Детските градинки во Гостивар ќе ги дочекаат дечињата со целосно променет изглед. Во занималните поставени се нови креветчиња, постелнина, маси, столчиња и друг инвентар и опрема. Градинките добиваат и свои библиотеки со сликовици и книги, а децата ќе се радуваат и на многу нови играчки.

Инвестицијата е во вредност од околу 145 илјади евра, а ја обезбедени Општина Гостивар преку проект на Светска Банка и донатори.

Лани со сопствени средства интервениравме во тоалетите и занималните. Овојпат преку Светска банка обезбеден е нов инвентар и елементи за во кујната. Навистина изгледа убаво и достоинствено за нашите деца. Со донација од 15.000 евра, исто така е вклучена и Невладината организација Сонце, а компании и поединци донираа и книги, па градинките ќе имаат и свои библиотеки“,  изјави градоначалникот, Арбен Таравари.

Директорката на гостиварските градинки Мирјана Мицоска се заблагодари за инвестицијата, изразувајќи надеж дека децата што поскоро ќе се вратат во градинка.

„Со ова нашите градинки стануваат еден нов современ дом за децата кои се развиваат и растат тука. Се надевам дека уште многу дечиња ќе растат во овие простории. Моменталната ситуација со Ковид 19, спречи децата да доаѓаат во градинките и тие ни недостасуваат многу, сите ние искрено се надеваме дека што побрзо ќе се вратат во градинките“, рече Мицоска.

Јавните детски градинки во Гостивар и Центрите за ран детски развој згрижуваат околу 750 дечиња.

error: Content is protected !!