Нови три случаи на корона во Гостивар и еден во Општина Врапчиште

Поголема внимателност и почитување на мерките на заштита од корона во текот на изборната кампања и во пресрет на доаѓањето на иселениците. Ваква препорака испрати денес Меѓуопштинскиот Кризен штаб на Гостивар од состанокот на кој се разгледуваше  состојбата со ковид на подрачјето.

Зголемување на бројката на заболени има, но не е драстична, во меѓувреме има и оздравени лица, па останува оценката дека се одржува стабилност.

„Споредено со останатите региони, бројката на заболени во гостиварско е помала. Во периодот што следува треба да продолжиме, сите институции да се ангажираме и да укажуваме граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките. Ова е особено важно, со оглед дека ќе се спроведува кампања за изборите со што се зголемува и ризикот. Исто така, во очекуваме доаѓање на иселениците, па планираме преку едукативни и информативни материјали и нив да ги потсетиме на неопходните мерки за заштита од ковид“, рече градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Денес во гостиварскиот регион се регистрирани 4 нови случаи на инфицирани со коронавирус, од кои 3 во Општина Гостивар и 1 во Општина Врапчиште. Според податоците од Кризниот штаб, моментално како активно болни се водат вкупно 48 лица.

Од почетокот на пандемијата до сега, во регионот што е под надлежност на епидемиолошката служба во Гостивар, направени се 605 тестирања за ковид. Позитивни резултати имало вкупно 87. Меѓу нив 12 здравствени работиници, од кои активен е еден случај.