Ново кошаркарско игралиште доби населеното место Сиричино

Насмевки, детски џагор и игра, беше сликата којашто нашата телевизиска екипа ја затекна на новоизграденото кошаркарско игралиште во село Сиричино, Општина Јегуновце. Во срцето на селото уште едно игралиште ќе биде местото каде што младите ќе го поминуваат слободното време во фер-плеј игра. Изградено по најсовремени стандарди, игралиштето несомнено ќе биде уште една светла точка во населеното место Сиричино. Мештаните прездоволни од новото игралиште, а благодарноста за овозможените финански средства за неговата изградба, му ја препишуваат на господинот Љупче Ристовски, иселеник од Сиричино којшто со своето семејство живее и работи во Мичиген, Соединети Американски Држави. Ристовски вели дека кошарката е составен дел од нивните животи, тој и неговите ќерки  како и неговата сопруга што ги поддржува, се големи љубители на овој спорт и таа љубов веќе извесно време сакале да ја пренесат во Сиричино, преку изградба на вакво игралиште на кое ќе се редат многу победи.

„Јас сум роден во ова село, моите родители се од тука и јас сакав да изградам нешто за децата, бидејќи ние ги сакаме децата, моето цело семејство ги сака децата. Моите ќерки играат кошарка,ние го сакаме спортот и како што гледате кога децата играат, ние сме среќни. Трите мои ќерки играат кошарка, ни недостасува втората ќерка којашто остана во Америка. Ние сме луѓе на кошарката и ние сакавме да оставиме нешто од нас во селото, затоа што го сакаме спортот, но повеќе го сакаме селото. Сакавме да бидеме сигурни дека децата ќе играат, тоа е се’. Ние не сме инвеститори само сакавме да ги поттикнеме децата да играат кошарка,ништо повеќе.  Ние сме благословени како семејство бидејќи ние сме добиле многу од кошарката, затоа е ова игралиште тука и моите деца и сопругата се чувствуваат исто. “ изјави Љупче Ристовски (иселеник од Сиричино во САД, донатор на финансиски средства за изградба на игралиштето

Пеце Стојчевски е човекот кој на нашата екипа прв и’ посака топло добредојде во Сиричино. Пред нашата камера пак, говори од какво значење е изградбата на игралиштето.

Бошко Антоски од Сиричино рецитирајќи песна, му се заблагодари на Љупче Ристовски, човекот кој покрај кошаркарското игралиште има донирано финансиски средства и за изградба на фудбалски терен во селото.

Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски, го поздравува чинот на изградба на спортското игралиште.

Инаку, населеното место Сиричино е стационирано во Долни Полог, на територија на Општина Јегуновце, со околу 300 постојани жители.  

Ивана Серафимовска