НП Маврово изготвува план за управување со дивите кози

Националниот парк Маврово изготвува долгорочен план за управување со дивите кози. Првите чекори, во донос на подготовката на документот се направени, наредниот месец ќе се вршат истражувања на терен и планот би требало да готов во мај годинава.

На работилница што се одржа деновиве во Маврово се дискутираше за значењето на дивокозата и нејзината бројност на територијата на националниот парк.

Целта на сите овие активности е да се создаваат услови за заштита на дивата коза, да се намалат заканите и ризиците по ова животно.

„Дел од работилницата беше посветен на изготвување на долгорочен План за управување со дивата коза во НП Маврово. За таа цел беше дојден Костадин Валчев, експерт од Бугарија кој ќе има задача да помогне во изготвувањето на планот. На работилницата заедно со вработените од НП Маврово и директорот на НП Маврово г-дин. Самир Ајдини се дискутираше за заканите и мониторинг методите за пребројување на дивите кози во Маврово. По оваа работилница, експертот ќе го посети паркот во текот на февруари за да се запознае подетално со теренските прилики и живеалишта на дивата коза. Крајната верзија од планот за управување ќе биде готова до мај 2021 година, а со тоа Планот ќе може да се имплементира од втората половина на оваа година.“, вели директорот на НП, Самир Ајдини.

Балканската дивокоза припаѓа на класата цицачи, во редот на парнокопитари. Може да достигне висина до 80 cm, а должина до 130 cm. Некои мажјаци достигнуваат тежина и до 40 kg, додека женките се помали и со помала тежина. Се храни со тревести растенија, млади листови од високо планински грмушки, капини и малини. Животниот век им е до 20 години.

На подрачјето на Националиот парк Маврово 15-тина години се спроведува проект за закрепнување на балканскиот рис, кој до сега дава позитивни ефекти за заштита на критично загрозениот вид на рис. Активностите се насочени кон прогласување на нови заштитени подрачја, ефективност на веќе постоечките, законска регулатива значајна за рисот, едукација на локално население, истражување и мониторинг, одржлив лов и борба против криволовот.