Ограничени маржи на основните прехранбени производи
Денеска стапи во сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало. Со одлуката на Владата, се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.
Истовремено, престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека нема да го издржат постојаното покачување на цените на производите.
Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби. Во наредниот период, според најавите од надлежните, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.
Данијела Билбилоска