Одбележан празникот Ѓурѓовден во Туденце

Празникот посветен на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец кај народот познат и како Ѓурѓовден, утринава со црковна служба и народен собир беше одбележан во населеното место Туденце.

Со света божествена литургија утринава во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во населеното место Туденце беше одбележан истоимениот празник и патрон на селото. Празникот кај народот познат и како Ѓурѓовден, после Велигден се смета за најголемиот христијански празник во пролетниот циклус посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

Празникот, сончевото време како и прекрасната природа ги натераа и овојпат верниците да присуствуваат на чествувањето на празникот. Верниците се помолија и запалија свеќи за здравје, среќа и бериќет.

По одржаната литургија беа прережани славските колачи на годинашните кумови, при што беа и одредени новите тројца кумови за идната година.

Прославата на празникот Свети Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден, во тетовско Туденце, продолжи до попладневните часови.

Ивана Серафимовска