Одгледување ретки и украсни птици – уникатно хоби
Одгледувањето разни видови ретки и украсни птици се хоби на 27-годишниот Љубиша Премчески од тетовско Долно Седларце. Во посебно опремени живеалишта во дворот на неговиот семеен дом, уредно се сместени неговите миленици за кои Премчески се грижи со голема љубов и посветеност. Тој пред нашата камера открива дека со одгледување егзотични птици се занимава активно две години и дека секоја птица има свои уникатни карактеристики, додека желбата да биде опкружен со таква фауна го следела уште од детството.
Како што раскажува Премчески квалитетната исхрана е предуслов за здрави единки, додава и дека кога има голема желба и љубов околу нивната грижа, резултатите се неминовни.
Одгледувањето ретки видови на птици, како хоби кое не е толку застапено на нашите простори се вбројува во категоријата на хобија кои бараат и поголеми финансии, објаснува Премчески.
Претседателот на Здружението за заштита и одгледување на украсни птици „Дијамантски петел“, Ванчо Илиески, упати целосна поддршка за Премчески и неговата работа.
Македонскиот сојуз на здруженија на одгледувачи на украсни птици и животни, во кој спаѓа и Здружението „Дијамантски петел“ од Тетово, е познат и по организацијата на голем број изложби на егозотични птици.
Љубиша Премчески како одгледувач на ретки птици, во блиска иднина планира да го дополни бројот на ретки птици и упатува охрабрувачка порака до останатите ентузијасти поактивно да се занимаваат со ваков вид хоби.
Ивана Серафимовска